Лично сведоштво

Со тие заблуди и комбинации на западна психологија, источен мистицизам и лажни учења и јас бев заведен. Тоа и мене ме повлече и паднав, силно болеше, мислев дека животот нема смисла, ниту пак верував дека ќе станам пак. Тогаш без религиозно влијание, без никој да ме води, се случи чудо во мојот живот - Господ Исус Христос ми се објави Сам!

„Кој ги има Моите заповеди и ги пази, тој Ме љуби; а кој Ме љуби Мене, него ќе го љуби Мојот Татко, и Јас ќе го љубам, и ќе му се јавам Сам." - Јован 14:21

Јас го доживеав ова ветување. Доживевав Богојавление! Јас умрев и Господ одново ме роди. Плачев заради сопствената грешност и се радував зашто Божјата Милост се излеа врз мене. Мислев дека не заслужувам и дека сум недостоен за Неговата Љубов, заради сите мои гревови. Но Божјата Милост не се заслужува со дела, туку само со вера во Него. И станав ново создание, и Божјата Рака ме води, го слушам Неговиот Глас кој ме поттикнува да ги обединувам Христијаните, да сведочам дека Тој е жив, да Го проповедам Неговото Слово и да Го славам Неговото Име. Мојот повик е Живо Христијанство! Слава на Бога!

Јас ништо не знаев, но Светиот Дух ме водеше и учев од Словото, пиев како пресушен пустиник. Сега Вистината Божја ја знам, но не јас, туку Христос во мене! Доаѓаат многу луѓе и во Името на Господ Исус Христос се случуваат многу чуда, болните се исцелуваат, демоните се прогонуваат, Блаженствата Божји врнат врз сите.

„А Тој ги знаеше нивните мисли и им рече: „Секое царство, ако се раздели во себеси, ќе запусти, и домот против дом - паѓа. И ако сатаната се разделил против себеси, како ќе се одржи неговото царство? Зашто вие велите дека ги изгонувам демоните со помош на Велзевула, И ако Јас, пак, ги изгонувам демоните преку Велзевула, со чија помош ги изгонуваат вашите синови? Затоа тие ќе ви бидат судии. Но ако Јас ги изгонувам нечистите духови со Божјиот прст, значи дека Божјото Царство дошло при вас." - Лука 11:17-20

И некои луѓе се чудеа, а потоа ме обвинија дека работам за злото, но не ме познаваат, ме осудија и разбрав дека тоа е така бидејќи не Го познаваат Господ Исус Христос. И се случуваше многу често да ми префрлуваат за мојот стар живот, за стариот Константин кој веќе умре и се роди во Христа повторно возобновен. По Божја Милост сум спасен како Апостолот Павле кој претходно ги прогонуваше Христијаните како Савле. Многу пријатели ме напуштија, но Господ остана со мене. Им простив на сите и се молам за нив. И сега помазан од Него, како пастор Му служам и се грижам за Христовото стадо.

Верувајте, Господ Исус Христос е жив! Тој е Господ и Спасител! Да Го прославиме со молитва и покорност.

Ваш Пастор Константин